ЦИРКОНИУМСКА КОРОНКА ЦЕМЕНТИРАНА ВРЗ ИМПЛАНТ

ЦИРКОНИУМСКА КОРОНКА ЗАШТРАФЕНА ВРЗ ИМПЛАНТ

ЦЕМЕНТИРАН МОСТ ВРЗ 4 ИМПЛАНТИ

ПОВРЗУВАЊЕ НА ИМПЛАНТ СО ПРИРОДНИ ЗАБИ

Забниот имплант го имитира коренот на загубениот заб, за да носи единечен порцелански заб или мост.

Забните импланти се идеална опција за луѓе со добро општо здравје кои ги загубиле споствените заби заради пародонтална болест, неуспешна ендодонтска терапија, повреда или друго.
Предноста на забните импланти е избегнување на состружување на природните заби за носење на протетско решение. Во случај на тотална беззабост, мобилните протези се покажале како недоволно сигурни при џвакање, зборување и кашлање.
Забните импланти носат порцелански заби кои личат и се чувствуваат како сопствени! Поставени од имплантолог, а со доволно одржување од страна на пациентот, имплантите може да траат доживотно.

Каква е процедурата за поставување на импланти?

Постапката е тимска работа помеѓу вас пациентите, стоматологот и забниот техничар. Зависно од вашата орална состојба стоматологот прави план на третман и се постапува според потребата за:

  • надокнадување на еден заб- се поставува само еден имплант
  • надокнадување на неколку заба- се поставуваат два или повеќе импланти да ги носат протетските изработки
  • надокнадување на сите заби- поставување на четири, шест или повеќе импланти во една вилица доколку се планира изработка на фиксен мост или поставување на два до четири импланта ако се изработи мобилна протеза
  • аугментација на синус- онаму каде нема доволно коскена висина во горната вилица. Да се надокнади овој недостаток се подига гингивален флап, преку коскено прозорче се подига синусната лигавица и празниот простор над местото за имплантација се исполнува со вештачка коска.
  • аугментација на алвеоларен гребен- онаму каде гребенот е недоволно висок или широк се додава вештачка коска. Со оваа постапка во многу се подобрува изгледот и забот изгледа како природно да излегува од вилицата.

Што можам да очекувам по третманот?

Еден ден постоперативно може да почувствувате болка и оток кои се контролираат со антибиотици и аналгетици, а сите симптоми исчезнуваат по една недела.  Одржување на имплантите се прави со комплетна домашна орална хигиена и дополнително стоматологот секои 6- 12 месеци прави мониторинг на вашиот имплант, другите природни заби, изгледот на гингивите и коската.